Кавадарци одбројува до почетокот на 52то издание на традиционалната стопанско-туристичка манифестација „Тиквешки гроздобер“ која и годинава ќе донесе бројни настани.
Според предвиденото, предгроздоберските активности ќе започнат во четврток, со вечерта на виното и песната посветена на Никола Бадев. Настанот ќе се оддржи на градскиот плоштад во Кавадарци, со почеток од 19 часот и 30 минути.
Свеченото отворање на годинашното издание на тиквешкиот гроздобер и годинава ќе се случи во градската музеј галерија. Во петок, 2 септември, точно на пладне, ќе биде отворена изложбата „Чаршијата во Кавадарци – некогаш и сега“ на Петре Камчевски и Димитар Мурџев. За во 13 часот на градскиот плоштад е закажана дегустација на вино и грозје, додека попладневните активности ќе започнат со дефилето на Тиквешките точакџии кое е закажано за во 19 часот, и ликовната изложба „Филигранските мотиви“ на Мирјана Николоска. Концертната програма ќе започне во 20 часот и 30 минути со настапот на уникатните Фолтин, за веднаш по нив да следи и концертот на „Рибља Чорба“. Официјално првата гроздоберска ден ќе заврши со Изборот на вински крал и кралица кој и годинава ќе се оддржи точно на полноќ.
Согласно фестивалската програмата, во сабота, 3 септември не очекува традиционалниот меморијален турнир „Сестри Китеви“ кој со почеток од 11 часот ќе се оддржи во спортската сала „Јасмин“, додека во 12 часот на градскиот плоштад во Кавадарци ќе се започне традиционалната „Таблијада“. Почетокот на винскиот карневал и годинава е закажан за во 20 часот, за веднаш по неговото завршување да следат концертите на Пурпурен Цепелин и легендардните Парни Ваљак.
Последниот ден од годинашното издание на тиквешкиот гроздобер ќе започне со настапот на уличните забавувачи и детскиот карневал кои ќе започат во 11 часот, а за во 18 часот е закажан изборот на најдобри вина. Гроздоберот ќе заврши со концертите на Bang La Decks и Tribute to Coldplay чии настапи се закажани за во 21, односно 22 и 30 часот.