Уште еден доказ за вековното производство на грозје во Тиквешијата, претставува новооткриената надгробна плоча во Кавадаречко. На околу два и пол километри од селото Раец, општина Кавадарци, при работа на новиот експресен пат Градско- Прилеп, била ископана камена плоча со насликани интересни мотиви. Првичните претпоставки се дека таа потекнува од античко време.
„Во централниот дел на плочата е претставата на грозје, која и те како говори дека гроздовите зрна отсекогаш биле составен дел на жителите кои ги населувале овие простори. Од двете страни на гроздот, во каменот се исклесани две птици како симболи на душевниот мир. Над нив јасно се гледа шишарката која исто така носи со себе своја симболика. Сите тие претстави се во една рамка која како да претставува своевиден храм. И не е чудно, во близина се остатоците од веќе ископаниот храм посветен на богот Дионис“ – вели Петре Камчевски, директор на кавадаречкиот музеј.
Плочата висока сто, широка 46 и дебела 12 сантиметри, е тешка стотина килограми и изработена е од бел мермер. Пронајдена во месноста Гробишта, на педесетина метри од лозјето на Зоран Цветков од село Раец. За неа се погрижија Камчевски и археолозите Раде Атанасов и Трајче Цветков. Таа е пренесена во лапидариумот на музеј галеријата.
На крајот од месец март на локалитетот „Девол“ во непосредна близина на кавадаречкото село Раец, кој потекнува од четвртиот и петтиот век пред нашата ера, беа откриени две нови камени корита од римскиот период за гмечење на грозје. Тие се исто така, вели Камчевски, доказ за многувековната традиција за преработка на грозје во Тиквешијата. Локалитетот се наоѓа на околу 410 метри надморска височина. Заедно со претходно пронајдените две вакви корита, сите четири се многу значајни за Тиквешкиот крај. Тие се многу важни како белег дека лозарството и винарството во овој крај биле развиени уште во античкиот период.
„Во непосредна близина се наоѓа археолошкиот локалитет Еударист. Во негова близина се наоѓаат остатоци од единствениот храм посветен на богот Дионис, бог на грозјето и виното, веселбите, плодноста и раскалашениот живот“ – нагласува Камчевски.
Виолета Јанкова, директор на Фондацијата Тиквешки вински пат, е децидна дека сите вакви и слични сведоштва за традицијата за производство и преработка на грозје се и те како интересни кога е во прашање развојот на винскиот туризам во најголемиот лозаровинарски регион во Македонија.