Супер енергичниот и по многу нешта уникатен женски бенд „Фрајле“ имаше уште едно прекрасно гостување во Македонија, овој пат во рамките на второто издание на „Стобилозофи“ во организација на винаријата „Стоби“.
Марија Мирковиќ, Наташа Михајловиќ, како и сестрите Јелена и Невена Буча на присутните им покажаа уште еднаш дека се фасцинантен музички спој, со автентичен сценски настап, одлични песни и фантастични во ковер преработките на најголемите светски и балкански хитови.
Иако беа во медиумска сенка на девојките од Србија, фантастични беа и нашите „План Г“ кои на „Фрајле“ им испорачаа вжетена и разиграна атмосфера на тревникот по кој беа распослани присутните.
Освен можноста да уживаат во настапот на „Фрајле“ и „План Г“, присутните имаа можност да ги дегустираат најголемиот дел од вината од винаријата „Стоби“ по ексклузивни и достапни цени, но и вкусните сирења и кашкавал кои се исто така дел од сопственото производство.
– Стобилозофијата е доктрина со која се учи да се ужива во убавите нешта, без да му се пречи никому, а притоа и никој да не страда поради сопственото уживање. Тоа е филозофија во која се испреплетени и телесното и духовното уживање, овозможена првенствено од вкусовите на врвните вина на „Стоби“, како и сплотувањето со омилената музика, дополнета со атмосферата и амбиентот во комплексот на винаријата… Сето тоа прави чувството на близок контакт со Стобилозофијата да биде совршено – велат од „Стоби“.