Дионис, богот на гроздоберот, производството на виното, веселбата и радосниот занес, со многу нешта го привлекувал вниманието врз себе, создавајќи своевиден култ кој сеуште се почитува.
Митот за неговото раѓање
Хелените особено му се восхитувале на митот за неговото раѓање, кое било чудесно според преданието. Ќерката на Кадмо, Семела, била неговата мајка, смртничка од човечкиот род, за разлика од таткото на Дионис, кој бил Зевс, семоќниот бог и врховниот управител на Олимп. Сопругата на Зевс, Хера, дознавајќи за оваа прељуба, се престорила во бабица и се здружила со Семела. Ја наговорила дека таткото на детето што го носи е богот Зевс и дека треба да го повика да се појави во сето обличје. Една вечер во нејзината куќа таа го повикала Зевс за да потврди дека е таткото на детето. Тој ја молел да се откаже од оваа намера, но бидејќи била упорна и се појавил во вистинскиот божески лик. Ова било смртоносно за Семела, затоа што секој оној што ќе го види Зевс со сопствените очи, умира горејќи од пламенот што сјае и сија од неговото божествено тело. Додека ѝ горело телото од пламенот, Зевс го извадил недораснатиот Дионис од нејзината утроба и го сместил во неговото бедро, го зашил и затворил процепот, со цел да го спаси неродениот син. Потоа заминал на една планина и неколку месеци подоцна го родил, а потоа го предал на стариот сатир Папосилен и на шумските нимфи Ниси да го израснат и одгледаат во детството. Заради оваа добродетел, Нисите ги наградил воздигнувајќи ги и овекувајќи ги меѓу ѕвездите како Хејади.
Патешествијата на Дионис
По созревањето, Дионис го открил одгледувањето на виновата лоза, а потоа и цедењето на драгоцениот сок од гроздовите зрна во вино, но љубоморната Хера го погодила со лудило и бес што го натерало да скита низ далечни земји во Стариот свет. Во Фригија, божицата Кибела го излекувала, го научила на свети обреди, а потоа тој заминал на далечен пат во Азија дури до Индија со цел да ги научи народите како да го одгледуваат грозјето и да произведуваат од него вино. По неговите макотрпни патешествија, се вратил назад во Хелада и ги повикувал луѓето да го обожуваат и да го следат. Некои хеленски кралеви не биле задоволни од намерата на Дионис да се постави меѓу боговите на Олимп, сметајќи дека кај младите за време на празниците, луѓето се движеле во поворки од различен вид, му пееле дитирамби, посебни обредни песни во чест на овој бог, а потоа уживале во дејството на виното и занeсно танцувале. Исто така, во Атина, во театарот на Дионис (познат како Одејон), се одржувале организирани драмски натпревари. Дента се изведувале три драмски исполнувања, односно тројцата трагедиографи требале да изведат три трагедии и една сатирска игра пред публиката. Пред започнувањето на трагедијата, во орхестрата од театарот, каде што е жртвеникот, му се принесувала жртва на Дионис, коза или јарец, бидејќи драмската уметност тогаш била неодвоива од верските елементи. Победникот добивал ловоров венец и станувал мошне славен во неговото родно место и ширум Хелада. Меѓутоа, и покрај отпорот, Дионис постепено навлегува во животот на Хелените и го добива почесното место на олимписки бог.
Тијасот на Дионис
Тијасот е дружината на Дионис кои го следеле насекаде каде што тој се појавувал. Дионис бил облечен во кожна носија од леопард, во едната рака држек кантар, античка чаша со големи рачки, рог или киликс, чинија со грозје, а во другата тирс, односно жезол кој на врвот имал поставена шишарка. Според преданието, тој живее во шумските лагови придружуван од страна на мистични суштества, Сатирите, Силенот и Мајнадите кои се неговиот тијас (дружина). За разлика од Дионис, тие имале смртна природа и биле во облик на луѓе со животински карактеристики. Сатирите имале изразено и озарено лице со мали рокчиња или увиени јаречки рогови, зашилени уши, коњска опашка и во некои случаи, наместо стапала, козји копита. Силенот е старец, водач на Сатирите, а Мајнадите се жени кои низ шумата испуштале гласни крици и се хранеле со свежо животинско месо. Жените Мајнади кои стоеле лево и десно од Дионис, и сатирите, двајца мажи десно и лево од Мајнадите. Сатирите, според верувањата на старите Хелени, биле шумски духови кои имале карактеристичен изглед.
Култот кон Дионис
Култот што Хелените го создале и развивале спрема Дионис се состои од одгледувањето на грозјето, гроздоберот и производството на виното. На виното најчесто додавале и други состојки како мед, пчелин восок и разни зачини со цел да го зголемат вкусот и лековитото дејство. Од билките бил додаван отровниот бршлен, фикусот и шишарката што предизвикувале пијаност и заносни движења. Неговиот култ се празнувал за време на Големите и Малите Дионисии, но и на Ленаите. Празниците се одржувале за време на зимските месеци декември, јануари и кон крајот на мај, како навестување на пролетта, односно според Хелените, тогаш кога Дионис воскреснува, што се поврзува со неговото двојно раѓање од Семела и Зевс, но и со источните верувања во отелотворение, воскреснување по смртта, реинкарнација.