Во Вардарскиот плански регион од 54 винарници лани на депониите неповратно завршиле 43.160 тони отпад. Овој, како и отпадот од свињарските фарми, земјоделството и друг биоразградлив отпад што секојдневно бескорисно се исфрла и скапува на депониите може да се искористи како енергетски потенцијал од алтернативни извори на енергија. Со изградба на централи на гас, преку јавно-приватно партнерство, корист би имале и општините и јавните комунални претпријатија.
Проктот Биореал за одржливо управување со вински и друг биоразградлив отпад, по барање на ЈКП „Дервен“ од Велес, што го изработија експерти ангажирани од ЕПИ Центар интернационал Скопје преку ИПА-програмата за прекугранична соработка заедно со Република Грција, има за цел да им укаже на јавните комунални претпријатија од Вардарскиот плански регион и општините како може да биде третиран и искористен органскиот отпад. Како што појасни Христијан Станоевиќ од ЕПИ Центар интернационал од Скопје, целта на овој проект е преку јавно-приватно партнерство да се изградат централи на гас што ќе работат на биогориво – биомаса. Замислата е отпадoт од свињарските фарми и земјоделството, наместо бескорисно да се фрла и да скапува на градските депонии и притоа да ја загадува животната средина, како алтернативен евтин извор на енергија за работа на централи на биогас да се искористи за добивање електична енергија.
– Проектот им нуди на надлежните, односно општините од Вардарскиот плански регион и јавните комунални претпријатија, во соработка со јавно-приватно партнерство, можност овој органски отпад што сега бескорисно скапува по депониите и ја загадува животната средина да биде искористен како енергетски извор за производство на електрична енергија или топлина, потенцира Станоевиќ. Тој појаснува и дека проектот воедно им нуди на инвеститорите и можност за користење повластени тарифи за производство на енергија, заради користење алтернативни извори на енергија, информира Станоевиќ.