Охридските гимназијалци ја почуствуваа винската тајна на Токај

Слатките десертни вина од регионот Токај во Унгарија се препознатлив белег на овој крај каде во далечно минато постоеле вулкани, дури и море, со оглед на присуството на школки во почвата, остатоци на Панонското море и уште постарото море Паратетис од времето на Миоцен. Климата се менувала, и го обликувала карактерот на ова племенито вино со вековна традиција, околу кое се врти практично се за домаќините на охридските гимназијалците во Токај.
Спомнато дури и во унгарската химна, виното се слави на сите можни начини, па неодамна е изграден и тематски вински музеј, кој иако е лоциран во стара историска градба, располага со најсовремена техничка опрема и е интерактивен па посетителите можат да го истражуваат одејќи, возејќи велосипед или кола без да излезат надвор. Иако се презентирани и другите заштитени вински региони на Европа, вината на Токај се сепак во фокусот: посетителите имаат можност да научат се за нив, како и за различните традиции и активности поврзани со винската култура.
Лоциран на падините на Земпленски брда, долж реките Бодрог и Тиса, винскиот регион Токај е впишан на Унесковата листа во 2002 година како уникатан културен пејсаж кој се обликувал во единствен идентитет и разноликоста на ова подрачје. Во оваа вулканска област во североисточна Унгарија виното се прави со помош на посебна мувла и габички, што служат за концентрација на шеќер. Така, фурминтот, маслашот и особено прочуеното асу, биле омилени вина на славните личности како Бетовен, Луј IV, познат како „крал на Сонцето” и други.
Кулминација на овој своевиден култ на виното е Фестивал на гроздоберот, кој се одржува на почетокот на октомври секоја година. Група ученици од охридската гимназија во текот на изминатата недела ги презентираа 17 цели за одржлив развој на Унеско, беа дел од кулинарско шоу, прошетаа по лозовите насади, винаријата, ги посетија винските визби каде имаа можност за дегустација на неколку различни типови на вино, а беа и дел од винската пaрада заедно со учесниците на Италија, Чешка и домаќинот Унгарија.