Измените на Законот за виното пред Законодавно-правната комисија

Измените на Законот за виното се на второ читање пред Законодавно-правната комисија. Основната цел за донесување на Законот е дефинирање на условите за производство на вино кај мали винарии и физички лица производители на вино, олеснување на условите за производство во исклучително неповолни години и допрецизирање на условите за физичко-хемиска анализа на виното.

„Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство пристапи кон изменување и дополнување на одредени одредби од Законот заради дефинирање на условите за производство на вино кај мали винарии и физички лица производители на вино, дефинирање на начинот на зајакнување на природната јачина на алкохол во исклучително неповолни години и допрецизирање на условите за физичко-хемиска анализа на виното.

Верзијата на Законот за виното кој во моментот е на сила не предвидува олеснување на условите за производство на вино кај мали винарии и физички лица производители на вино, што е тековен тренд во светски рамки, особено во сегментот на продажба на вино од фарма во насока на диверзификација на понудата на пазарот и развој на руралниот туризам. Со олеснување на условите за производство на вино кај мали винарии и физички лица производители на вино, истите ќе бидат позастапени на пазарот, што позитивно ќе влијае и на развојот на винскиот и руралниот туризам. Во насока на подобар пласман и производство на вино се и предложените решенија за олеснување на условите за производство во исклучително неповолни години и допрецизирањето на условите за физичко-хемиска анализа на виното“, се вели во законското образложение.