Формирана Балканската винска мрежа

Балканската винска мрежа, која официјално беше формирана вчера во Скопје, значи зголемување на регионалната соработка и поврзување и заедничка промоција на вината од балканските земји. Иницијатор за нејзино формирање е Здружението „Вина од Македонија“, а партнери на проектот се Центар за винска култура „Wine Q„ од Србија, Здружението „Салон Жилавке“ од Босна и Херцеговина, Винска академија на Црна Гора, како и други вински здруженија од земјите на Западен Балкан.

Новата мрежа ја одржа првата конференција и го усвои акцискиот план на дејствување, кој ќе започне да се реализира од наредната година. На конференцијата присуствуваа и здруженија и асоцијации од Грција, Бугарија, Словенија и Романија, кои добија покана да се приклучат и да соработуваат со мрежата.
Претседателот на Управниот одбор на „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски, рече дека оваа мрежа ја формирале со цел да помогнат во идниот одржлив развој на винската индустрија, лозарството и винскиот туризам во целиот регион, како и да нуди решенија за надминување на бариерите кои се појавуваат при пласман на виното од регионот.

– Ние како мала економија не можеме да издвоиме многу за истражување и развој, а ако немате истражување и развој, тогаш не можете да одите напред во винската индустрија. Ние развивме нешто и каскаме зад она што било во винарската индустрија. Винарската индустрија многу брзо отиде напред и има многу добри страни, но и многу предизвици, истакна Јаневски.

Според него, сега сме во една ситуација како да добиеме што повеќе за себе и како да опстанеме на пазарот, затоа треба да видиме што е тоа што го бара пазарот.

– Сето она што треба да се случува бара огромен напор и енергија. Ние можеме да успееме, но не можеме поединечно, тоа можеме да го направиме со група која сака тоа да го промени. Поранешна Југославија произведуваше околу 350.000 тони грозје, што беше помалку и од Бугарија која произведува над 400.000 тони грозје. Хрватска произведува 50.000 тони грозје, Србија исто толку, Словенија 70.000 до 80.000 тони и ние од 120.000 до 150.000 тони. Затоа мораме да се здружиме како регион за да одиме напред, заклучи Јаневски.

Формирањето на Балканската винска мрежа финансиски е поддржана од „Фондот за Западен Балкан“, чии претставник Тони Павловски, рече дека односите меѓу соседите од Западен Балкан се многу подобрени и сè има јасна визија за подобра поврзаност, олеснета трговија и мобилност на луѓето.

– Ова е една идеја, платформа за понатамошна соработка и унапредување на врските помеѓу балканските земји. Со подобрување на врските, што е во суштина еден од главните приоритети, ова наша посветеност ќе биде пренесена во многу конкретни чекори во соработка со Грција и Бугарија и создавање на нови можности за трговија и инвестиции, истакна Павловски.

Даниела Радец, претседател на Винска академија на Црна Гора, изрази надеж дека преку оваа заедничка балканска мрежа ќе успееме да ги позиционираме нашите балкански вина на светската мапа на вина што подобро и што поквалитетно.

– Со заеднички сили можеме да постигнеме многу за промоција на регионот. Вината од Балканот се интересни за светската јавност, па така заедничкиот настап како регионална винска дестинација има многу подобра перспектива отколку секој поединечно, истакна Владимир Стојиќ, директор на Центар за винска култура „Wine Q“ од Србија.
Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“, рече дека целта на оваа мрежа е да придонесе до регионална соработка и промоција на Балканот како вински регион.

-Секоја од овие земји произведува одредено количество на грозје и вино, но кога ќе ги собереме сите производства на целиот Балкан, вклучувајќи ги тука и Грција, Романија, Бугарија, Словенија и Хрватска по производството на вино ќе бидеме на петто место во светот по Франција, Италија, Шпанија и САД. Целта на овој проект е да почнеме со шесте земји од Западен Балкан, а понатаму се надеваме дека таа наша промоција и развој на балкански вински бренд ќе порасне со вклучување на останатите вински земји кои се на Балканот, а кои веќе се членки на ЕУ, истакна Младеновска-Јеленковиќ.